Pesnička slam scena Srbije
https://www.slamstudio.org/2015/04/05/poetry-slam-scena-u-makedoniji/
Export date: Fri Nov 22 7:49:26 2024 / +0000 GMT

Poetry Slam scena u Makedoniji (verzija na makedonskom)




Поетска слeм сцена у Македонији
Пише Елена Пренџова
Верзија текста је на македонском језику

Elena Prendžova

Poe:tri Slam е модерен, перформативен начин на интерпретирање авторски текстови од сите жанрови и со натпреварувачки карактер. Петчлено жири избрано од публиката ги бодува текстовите и начинот на изведба со поени од еден до десет, вклучувајќи и децимали, од кои се исклучуваат највисоката и најниската оцена (со цел да се избегне пристрасност и деградирање) и се извлекува средна вредност која понатаму служи како параметар за квалитетот на изведбата и текстот на авторот.


Настапувачите на располагање го имаат само својот текст, кој го рецитираат, микрофонот и никакви други аудитивни или визуелни помагала. Всушност, „перформансот“ зависи буквално од гласот на авторот.


Секој автор добива пет минути за настап. Откога ќе поминат петте минути, модераторите го прекинуваат. На настапувачот може да му се даде можност да продолжи и по опомената, но само ако публиката се сложи искажувајќи ја својата желба преку силен аплауз. Доколку аплаузот не е доволно силен, се смета дека публиката не е желна да им даде шанса на настапувачите да го изрецитираат текстот до крај и тие не продолжуваат со својот настап. Доколку настапувачите не се во можност да си го остварат настапот до крај, тоа не значи дека се дисфалификувани и за нив се гласа како и за останатите и нивните бодови се земаат предвид при изборот на победниците на вечерта.




Makedonski slemeri u akciji...

По настапот на сите изведувачи се прогласува прво, второ и трето место, а на добитниците им следуваат симболични награди. Победникот добива и шише ракија кое се очекува ферски да го подели со останатите учесници.


*    *     *


Иако кај нас релативно нов начин на поетско претставување, првиот поетри слем натпревар воопшто е одржан во Чикаго во 1984 година, па оттаму се раширува низ цела Америка, подоцна и во Европа, а од балканските држави, редовни слем натпревари организираат Србија, Грција и Босна.


Poe:tri Slam натпреварите во Македонија дојдоа во 2010 година со меѓународната работилница за слем во Тетово чиј предавач беше германскиот слемер Michel Abdollahi, а во декември истата година Културниот центар „Контрапункт“ од Скопје одржа Poe:tri Slam натпревар во Скопје, кој наиде на многу голем интерес и посетеност, поради што, во јануари и во февруари 2011 година организираа уште два слем натпревари.




Slemerka na sceni...

Од 2012 година, па до денес, само слемот во Прилеп прераснува настан со традиција, континуирано одржувајќи се секоја година, во организација на Игор Трпче и Катерина Батаклиева, и од 2014 година во организација на Игор Трпче и Елена Пренџова. Од истата година, слем настаните како никогаш дотогаш земаат замав низ градовите во Македонија, па така, истата година се одржаа три слем настани во Битола (април), Прилеп (мај) и Скопје (септември), а и уште толку во неколку други градови во земјата, но во поинаков состав на организацијата.


Poe:tri Slam тимот од Македонија, со посредство на поетесата Катарина Фиаменго, веќе два пати учесничка на интернационалниот слем во Прилеп, воспостави и врска со поетри-слем организацијата од Белград, Poezin, чии најактивни членови и настапувачи се Милан Мијатовиќ, Радован Божовиќ и Синиша Рудан. Двата слем-тима од Македонија и Србија организираа заеднички, камерен, пријателски и ревијален слем настан во сквот културниот центар Inex Film во Белград во септември 2014 година.




Slemerka na sceni...

Оваа година пак, слем натпреварувањата почнаа во февруари со градот Тетово, каде во кафе барот „Ода“ се натпреваруваа 15 учесници од кои се избраа 4 победници на вечерта: Калтрина Тефику од Тетово освои трето место, Воислав Пехчевски од Берово второ, а првото место го делеа Цветанка Колева од Кавадарци и Јона Незири од Тетово.


Вториот слем натпревар годинава се одржи во март, во Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци. Настапија 13 учесници од повеќе градови од Македонија, а гости на вечерта беа тројца поети од здружението „Тиквешки цветови“: Љупчо Јовчевски, Надица Тренчева и Тодорка Андова. За победници, публиката ги изгласа: Микица Илова од Кавадарци, која го освои третото место, Аница Блажевска од Тетово, која го освои второто место и Драгица Здравеска од Прилеп, која го освои првото место.


Илова внесе посебна свежина на настанот, затоа што досега на слемот никој претходно не настапил со песна наменета за детската публика. Блажевска, која слемира уште од самите почетоци на слем - настаните во Македонија, не престанува да ја понесува публиката со своите искрени и досетливи стихови, а Здравеска, на која не ѝ беше прв пат да биде меѓу победниците, си остана доследна на својот саркастично-подбивен стил со кој секогаш изискува слатка смеа кај публиката.




Plakat za slem veče...

На победниците им се доделуваат дипломи и пакет книги, донации од македонски писатели кои го поддржуваат настанот со своите авторски дела: Братислав Ташковски, Трајче Кацаров и Славчо Ковилоски. Со свои книги, настанот го поддржуваат и писателите од Кавадарци, Душко Стефанов и членовите на здружението „Тиквешки цветови“: Надица Тренчева, Милка Миндева и Тодорка Андова, која донираше книги од сопругот Томе Андов, а свои авторски книги подаруваат и организаторите: Перо Сарџоски, Игор Трпче и Елена Пренџова. За своите подарени примероци им благодариме и на книжевните списанија „Акт“, особено на уредникот Ташковски и „Современост“, особено на уредникот Ковилоски, како и на студентското списание „Ш“, особено на уредничката Зорица Петкоска, кои ги донираа најновите изданија на списанијата.


Уште неколку Poe:tri Slam натпревари се планираат за годинава. Наредниот следува во Битола, закажан за 10. мај, 2015 година. Тоа ќе биде вториот слем-настан во овој град по почетоците слемот во Македонија од 2011 година и третиот по ред во 2015 година. Упатуваме голема благодарност до соработниците во организацијата, дечките од иницијативата „Контракадар“, особено до Ѓорѓи Пулевски- Џоџо, како и НУ Центарот за култура во Битола, кои овозможуваат еден ваков настан да се случува во нивниот град.




Pobednica na slem takmičenju...

Непосредно потоа ќе се одржи традиционалниот интернационален слем во Прилеп, поточно во Градската бибилиотека „Борка Талески“, за годинава закажан на 30. мај.


И во јуни се очекуваат два слема, првиот во Скопје, во Младинскиот културен центар, во рамките на еден алтернативен младински фестивал, на ден 14. јуни, а вториот на 20. јуни, во Велес, во коорганизација на Анита Ристова од Велес.


Локацијата на слемот ќе биде железничката станица во Велес, а сцена ќе биде отворен возен вагон кој веќе подолго време не е во сообраќајна употреба.


Исто така, до крајот на годинава, најавени се и слем настани во просториите на Друштвото на писатели на Македонија кои се наоѓаат во Скопје, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип и др.

Post date: 2015-04-05 12:43:08
Post date GMT: 2015-04-05 10:43:08

Post modified date: 2020-08-23 00:37:23
Post modified date GMT: 2020-08-22 22:37:23

Export date: Fri Nov 22 7:49:26 2024 / +0000 GMT
This page was exported from Pesnička slam scena Srbije [ http://www.slamstudio.org ]
Export of Post and Page has been powered by [ Universal Post Manager ] plugin from www.ProfProjects.com